Во тест верзиите од Microsoft Edge, поточно Dev и Canary, може да се најде нова можност во Privacy , search and services делот од Settings. Оваа нова можност им овозможува на корисниците да вклучат зачувување на слика од сите страни кои ги посетуваат.
Во самото име на функцијата стои дека оваа можност е направена како додаток на разгледување на историјата на отворени страни, а истата може да се вклучи или исклучи.
Зачувувањето на сликите се прави со цел истите да може да се прикажат како мали сликички кога корисникот ќе помине со глувчето врз некоја од страните во историјата на отворени страни. Со тоа тој може подобро да види за каква страна се работи, без да мора да ја отвори истата.
Ова слободно може да се каже дека не е некоја голема новост, но во време кога приватноста на корисниците е нешто кое се смета за доста загрозено, оваа новина привлекува внимание.
Засега нема информации каде ќе се зачувуваат овие слики, односно дали само локално на уредот или ќе се синхронизираат на серверите од Microsoft, како и дали би се користело шифрирање и слично.
Microsoft Edge изминатите месеци стана доста посложен прелистувач од тоа што беше. За некои овој прелистувач е преполнет со функции, а тоа посебно важи по интеграцијата на Bing во самиот прелистувач.