Microsoft Research Lab, односно студиото кое стои зад некои од најиновативните апликации на софтверскиот гигант, разви нова апликација, која само користејќи ја камерата на вашиот телефон, може да направи 3D скенирање на некој предмет, односно личност.
MobileFusion не бара интернет конекција, како многу други апликации што функционираат со лепење на повеќе фотографии, што е идеално за оние што се често надвор од мрежното покривање, како на пример планинарите, а кои можат најдобро да ја искористат.
Апликацијата работи така што корисникот ќе треба само да го „опкружи“ предметот кој сака да го фотографира, односно скенира. Потоа, софтверот автоматски прави длабинска мапа и корисникот може да ја гледа фотографијата во целосно 3D искуство.
Секако, апликацијата работи само со статични објекти, односно дури и најмалото движење може да ја расипе фотографијата, односно, 3D скенот.
Засега, MobileFusion донесува само кул ефект и нема некоја особена употреба, но би можеле да замислиме дека во иднина истите тие 3D објекти би можеле да ги ставиме во виртуелна реалност, како на пример во холограмскиот уред на Microsoft, Holo Lens, односно да се искористи како за 3D печатење.
Засега, апликацијата се уште не е јавно достапна, но би можеле да очекуваме тоа да се случи наскоро. Microsoft ветува дека кога ќе биде лансирана, MobileFusion ќе биде достапна за сите поголеми мобилни платформи, односно Android, iOS и Windows 10 Mobile.
Извор: WinBeta, TheNextWeb