Доколку сте корисник на Windows 8 или Windows Phone и ги користите апликациите наменети за екрани на допир, односно модерните апликации, сигурно имате забележано дека голем број од нив се со лош квалитет и се направени како копија на некоја позната апликација. Продавниците за апликации на овие две платформи се подложни на вакви ситуации поради се’ уште големиот недостаток од апликации, па доста програмери сакаат да го искористат тоа, а и да заработат на не поштен начин.
Продавниците за апликации се полни со такви кои што ги користат иконите на познати апликации кои што се бесплатни, а во овој случај корисниците треба да платат за да ги симнат. По симнувањето тие гледаат дека платиле за апликација која што не е таа што мислеле дека ја симнуваат. Исто така често се случува да се плати за апликација која што не ги извршува работите кои што се наведени во нејзиниот опис.
За да се справат со ваквите апликации, обично продавниците имаат одредени правила врз основа на кои што се одобрени во нив. Microsoft исто така има правилник за сертификација кој што ги вклучува следните правила:
- Именување – за чисто и точно претставување на функционалноста на апликацијата
- Категории – за осигурување дека апликациите се категоризирани соодветно на нивната функција и намена
- Икони – кои што мора да бидат диференцирани за да се избегне измешување со други
Од компанијата истакнаа дека поради големиот број на жалби за лоши копии од апликации, како и лошо претставени апликации, во овој период го зголемуваат спроведувањето на правилникот, па сите нови апликации ќе бидат построго контролирани. Исто така апликациите кои што се веќе во продавниците се предмет на ревизија. Програмерите на апликациите кои што ги прекршуваат правилата се известени за да можат да ги направат потребните промени. На тие кои што не одговориле позитивно на барањата, нивните апликации се веќе тргнати од продавниците. Повеќе од 1.500 апликации се веќе тргнати од продавниците, а истото може да се забележи доколку пребарате некои од познатите апликации, како што е VLC Media Player на пример.