OneNote е апликација од Microsoft која што постои веќе 10 години и е наменета за пишување на белешки, како што кажува и самото име. Истата е достапна за Windows, Windows 8, Windows Phone, на веб, Android, iPhone и iPad (iOS), а од сега и на Mac, односно OS X оперативниот систем.
Дизајнот на апликацијата е ист како тој на десктоп верзијата на Windows, односно ја користи познатата лента од Office апликациите. Белешките се организирани во посебни „тетратки“ кои што корисникот може да ги креира. Секоја тетратка има посебни секции за кои што може да се креираат посебни страни. OneNote може да се користи за обични белешки, за листи, чек листи, слики, веб линкови и слично. Белешките може да бидат форматирани во повеќе стилови, односно за нив може да се бира фонтот, неговата големина, боја. Апликацијата исто така поддржува слободно цртање со маус и се разбира со прст на екраните на допир. Белешките во OneNote можат лесно да се пребаруваат преку вграденото поле за пребарување, а истите може да бидат и споделени.
OneNote за Mac е достапна преку продавницата за апликации, а можете да ја симнете и преку следниот линк.
Со претставувањето на OneNote за Mac, Microsoft исто така претстави неколку промени и нови работи. Така сега OneNote за Windows десктоп е бесплатна за сите корисници, а истата до сега беше достапна само како дел од Office пакетот кој што се наплаќа. Друга новина е претставувањето на API алатката преку која што програмерите ќе може да вклучат можност за споделување со OneNote во нивните апликации. OneNote Clipper е нова алатка која ви овозможува зачувување на веб страната на која што сте во моментот целосно во OneNote. Алатката е достапна за сите прелистувачи и истата се додава на лентата со вашите омилени страни (bookmarks), а истото можете да го направите преку следниот линк.