Како што најави при крајот на септември, Microsoft го донесе својот нов Edge прелистувач, направен на основа на Chromium отворениот код, на Linux платформата. Првата достапна верзија уште не е во финална форма, а не е ни бета, туку „Dev“, односно наменета за програмерите и потенцијално може да има повеќе багови и проблеми од стабилните верзии.
Сепак, корисниците можат да ја симнат оваа верзија и да не се програмери, па да го пробаат овој нов прелистувач од Microsoft. Поддржани се Ubuntu, Debian, Fedora и openSUSE, а корисниците ќе може да очекуваат неделни нови верзии, како што е стандардно случајот со Dev верзијата на другите платформи.

Во објавата за достапноста на Edge на Linux, Microsoft објаснува како може да се инсталира прелистувачот, а тоа се прави преку симнување на датотеката од нивната страна, а секако карактеристично за Linux, инсталацијата може да се направи и преку командна линија.
Microsoft Edge сега е достапен на сите платформи, односно на Windows 10, Windows 7, Windows 8.1, macOS, Android, iOS и Linux. Иако Chromium проектот е достапен на Linux, Microsoft сепак се одлучи достапноста да ја остави за подоцна, но кога ќе се земе дека никој и не би очекувал Microsoft производ на Linux, добро е што воопшто го овозможија.
Интересно ќе биде да се види дали Microsoft Edge ќе предизвика некакво внимание од страна на Linux корисниците, а посебно поради тоа што овие корисници често преферираат да користат апликации од независни програмери кои од самиот почеток користат отворен код.