Во сите Windows Insider канали од Windows 11, па дури и Windows 10, Photos апликацијата почнува постепено да добива неколку новини кои во месеците што следат ќе им бидат пуштени на сите корисници.
Најавени се четири новини кои ја прават Photos апликацијата покорисна од својата основна функција, а дел од нив можеме да ги видиме и кај некои од конкурентите.
Првата новина е додавање на OCR – Optical Character Recognition функцијата, односно можноста да се извади текстот од сликите. Корисниците со ова ја добиваат можноста да го копираат текстот, а достапна е и корисната можност веднаш да се пребара преку интернет со селектираниот текст.
Втората новина е додадена во File Explorer, но е поврзана со Photos апликацијата. При разгледување на слики, корисниците добиваат нови можности кога ќе притиснат на одредена слика со десното копче. Во Photos менито достапни се кратенки за измена на сликата во апликацијата, бришење на објекти од сликата со ВИ, отворање на сликата во Designer апликацијата, како и визуелно пребарување преку Bing.
Photos апликацијата добива дополнителни филтри за прикажување на сликите од одредени папки и папки во нив, а исто така апликацијата добива и Copilot копче со кое ќе можат да се добијат предлози за измена на сликите, да се добијат повеќе информации, како и дополнителни предлози за подобрување на сликите.