
Your Phone е апликација за Windows 10 која Microsoft ја претстави минатата година. Истата со инсталација и на Android, овозможува поврзување на телефонот со Windows 10 компјутерот.
На почеток поврзувањето на двата уреди подразбираше можност за испраќање и добивање на SMS пораките преку компјутерот, како и разгледување и симнување на сликите од телефонот на компјутерот.
Она што привлече повеќе внимание кај оваа апликација како можност, но сепак не стана достапно со првата верзија, е можноста за пресликување, односно „mirroring“ на екранот на телефонот на Windows 10 компјутерот.
Со оваа можност корисниците можат да ги користат своите Android апликации на својот Windows 10 уред, се разбира додека е поврзан телефонот, затоа што самото користење се случува на него.
Доколку сето ова е добро интегрирано и со добри перформанси, може да стане алтернатива на апликациите од Android кои не се достапни или не се ажурирани на Windows 10.
Од оваа недела Microsoft започна со тестирање на оваа функција, правејќи ја достапна за корисниците на Windows Insider програмата. Тоа верувам дека значи дека истата е скоро готова и сите корисници може да ја очекуваат, во периодот што следи.