VRR, односно Variable Refresh Rate, е функција која обично е поврзана со гејмингот. Истата, кратко кажано, овозможува синхронизирање на стапката на освежување на играта со стапката на мониторот или телевизорот со цел да не доаѓа до гледање на различни рамки за време на играта.
Ова е нешто што изминатите години почна да се користи во слична форма и кај мобилните, таблет компјутерите и кај некои лаптоп компјутери, за стандардното користење на уредот, односно не само при играње на игри.
Microsoft започна со тестирање на VRR функцијата кај нивниот Edge интернет прелистувач. Моментално функцијата е достапна во Canary верзијата од Edge, што значи дека не е познато дали и кога би била пуштена за сите корисници. Исто така, корисниците на Canary верзијата треба да ја вклучат преку edge://flags, односно не е додадена како стандардно прилагодување во Settings.

Тоа што го прави VRR функцијата кај Edge е привремено зголемување на стапката на освежување на екранот кога корисникот „скрола“, односно ја листа страната која ја разгледува. Со тоа добива повеќе мазна слика која, како што можеме да видиме кај мобилните, изгледа одлично, а е и попријатна за очите.
Секако, за да може корисникот да ја користи оваа функција, треба да има монитор кој ја поддржува, како и соодветен „драјвер“.