Firefox-for-Windows-8

Модерна, односно верзија компатибилната со touch околината од Windows 8 се најавува и е во изработка веќе подолг период. Истата неколку пати е одложувана, па последната најава е дека ќе биде достапна во Март оваа година. Моментално достапни се Internet Explorer и Google Chrome кои што се компатибилни со двете околини во кои што работи Windows 8, односно десктоп и Start.

За сите што сакаат да видат и пробаат како ќе изгледа Firefox за Windows 8 кога ќе биде пуштена во официјална употреба во финалните верзии, компатибилноста со Start околината е конечно достапна во најновата бета верзија од Firefox, односно Firefox 28.0b1. Најновата бета верзија можете да ја симнете од следниот линк. Иако модерните апликации, како што се нарекуваат, се наменети за корисниците со екрани на допир, сите од нив, па и Firefox може да се користат со маус. Затоа оваа верзија од Firefox се препорачува за корисниците на уреди со екран на допир, но не значи дека и останатите корисници не може да ја пробаат и користат.

firefox-windows8-beta

Откако ќе ја инсталирате бета верзијата, која што доколку веќе користите Firefox само ќе ја надгради инсталираната верзија и сите податоци и прилагодувања ќе бидат задржани, за да можете да ја пробате во Start околината треба да го поставите прелистувачот како главен (default) прелистувач на оперативниот систем. За да ја вклучите модерната верзија од Firefox откако ќе го поставите прелистувачот како главен, треба да одите во главното мени и да притиснете на Relaunch in Firefox for Windows 8 Touch, по што од тој момент секогаш кога ќе го отворите прелистувачот ќе се отвора во модерната верзија. Ова е различно од Internet Explorer кој што се отвора во таа верзија во која што околина го имате отворено, односно доколку го отворите во Start околина ќе биде отворена модерната верзија и доколку го отворите преку десктоп околината ќе биде отворена стандардната десктоп верзија од прелистувачот. Сепак за разлика од Internet Explorer кога ги менувате околините Firefox ги задржува сите ваши отворени страници и табови, па можете веднаш да продолжите каде што имате застанато.

Кога ќе го отворите Firefox во модерната верзија за првпат, ќе бидете пречекани од новиот главен екран на кој што ќе ви бидат на кратко објаснети позициите кои што се достапни. На тој екран ќе ви бидат достапни вашите најпосетувани веб страни, вашите зачувани страни, како и историјата на посетени страни. Со повлекување со прстот од горе надолу или со притискање на десното копче од маусот отворате лента која што на горната страна ги содржи табовите, а на долната страна address bar-от. Прелистувачот ги подржува pinch-to-zoom движењата за корисниците на екрани на допир.

Интересна функција која е вградена во прелистувачот се двете големи копчиња кои што се појавуваат од левата и десната страна кога ќе отворите некоја веб страна, преку кои што можете да се вратите на претходната страна преку левото копче или да отворите нов таб преку десното копче. Ова е функција наменета за корисниците на екрани на допир кои што кога го држат уредот лесно може да ги притиснат овие копчиња со палците.

Firefox за Windows 8 доаѓа и со следните карактеристики:

  • Поддршка за Snap View, односно можноста за поделба на екранот и отворање на 2 или повеќе апликации во исто време
  • Интеграција со Share функцијата на Windows, односно можност за споделување на содржината преку Share функцијата на Charm лентата

Firefox за Windows 8 бета можете да ја симнете на следниот линк.

Извор: Mozilla Blog

Претходна статијаGoogle го претстави Chromebox for Meetings
Следна статијаApple ќе ви даде можност да ја поправите пратената SMS порака
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.