Како што повеќето од вас се запознаени, Mozilla издава нова верзија од својот прелистувач Firefox на секои 6 недели. Од денеска достапна е финалната верзија од Firefox 31 и истата можете да ја симнете или да причекате да биде достапна за надградба преку прелистувачот во текот на денешниот и утрешниот ден. Што ново вклучува 31-вата верзија од овој познат интернет прелистувач ?
Лента за пребарување во New Tab страната
Ова е нешто што е одамна достапно кај најголемиот конкурент на Firefox, Google Chrome и може да се каже дека иако е мал дел од корисничкиот интерфејс, тој е корисен и го забрзува пребарувањето. New Tab страната, односно страната која што се појавува кога ќе отворите нов таб е составена од деветте најмногу посетувани страни за брз пристап до нив. Сега кога ќе отворите нов таб, покрај брзиот пристап до посетуваните страни, ќе имате и пристап до лента за пребарување која што е поставена веднаш над страните. Пребарувачот кој што се користи за пребарување преку оваа лента е истиот кој што го користите како главен пребарувач преку лентата за адреси и лентата за пребарување на горната десна страна.
Нов систем за скенирање за малициозен софтвер
Од оваа верзија Firefox ќе ја користи Google Safe Browsing алатката за проверка на фајловите кои што ги симнувате за малициозен софтвер. Проверката се прави на сите видови на симнувања, односно тие што самите ги започнувате и тие кои што автоматски започнуваат при сурфање. Функцијата е се’ уште во развој и не го нуди нивото на заштита како кај Chrome прелистувачот.
Ова се двете најважни новини кои што доаѓаат со новата верзија од Firefox, а истата ги вклучува и следните новини:
- Автоматска работа со PDF фајлови за Windows корисниците доколку друга апликација не е избрана во прилагодувањата
- Нова библиотека за верифицирање на сертификати
- Имплементација на WebVTT во HTML5 што овозможува гледање на видео со вградени преводи
Како и секоја нова верзија, така и 31 е достапна за сите платформи, односно за Windows, Linux и OS X. Новата верзија за Android ќе биде достапна во текот на утрешниот ден. Новата верзија можете да ја симнете преку следниот линк од FTP серверот на Mozilla, додека стане достапна на официјалната страна.