Можеби Skype е во сопственост на Microsoft, меѓутоа повеќето корисници се незадоволни од тоа како оваа апликација е направена за Windows Phone. Доста од функциите достапни на другите платформи не се достапни, а перформансите се исто така на незавидливо ниво. Сепак мора да се признае дека во последните месеци апликацијата е надградувана почесто, па со секоја наредна верзија таа станува подобра, а се вклучуваат се повеќе функции.
Со денешната надградба на Skype за Windows Phone, оваа апликација добива неколку нови функции кои што не се достапни на другите платформи, а сигурно се добредојдени за корисниците на Windows Phone. Што вклучува најновата верзија на Skype ?
- Споделување на локацијата – Додека разговарате со некој од вашите контакти и го притиснете + знакот до лентата за текст, во менито кое што се појавува додадена е можноста за споделување на вашата моментална локација. Ова е корисно за ситуациите кога не можете да се разберете со вашите пријатели каде точно се наоѓате во моментот за тие да ви се придружат
- Зачувување на слики – Сликите кои што ги добивате преку компатибилните верзии од Skype, сега можете да ги зачувате на вашиот телефон. За да ја зачувате сликата, притиснете на истата, потоа на менито, по што ќе ви биде дадена можност за нејзино зачувување
- Контрола на нотификациите за секој разговор – За секој контакт посебно сега ја имате можноста да изберете дали сакате или не сакате да добивате нотификации за нови добиени пораки. Додека сте во разговор со некој од контактите, притиснете на менито, по што ќе ја видите новата можност „notifications“.
Новата верзија на Skype е достапна за корисниците на Windows Phone 8 и 8.1, а можете да ја симнете преку продавницата за апликации или следниот линк.