Можеби во нашата земја нема многу паркинзи кои што се доволно големи за да можете да заборавите каде го имате паркирано вашиот автомобил. Сепак, доколку тоа ви се случува во одредени ситуации, сега имате уште еден начин како да го решите тој проблем.
Новата верзија од Windows Maps која што е достапна за корисниците на Windows 10, нуди можност за означување на локацијата каде што е паркиран вашиот автомобил. На тој начин ќе бидете сигурни дека нема да бидете во ситуација да мора да шетате по паркинзите да го најдете.
Windows Maps е универзална апликација, што значи дека е достапна за сите видови на уреди кои што работат на Windows 10 оперативниот систем. Оваа апликација треба да ги замени Here мапите кои што беа најпопуларни кај корисниците на Windows Phone.
За да ја означите локацијата на вашиот автомобил, потребно е да притиснете на копчето за омилени локации. Покрај досегашната можност за означување на било која точка на мапата како омилена, сега е додадена можноста Автомобил (Car).
Интересно е што оваа функција покрај означување на локацијата на автомобилот, која што вклучува и посебна икона на мапата во форма на автомобил, вклучува и можност за додавање на слика и белешки.
За да ја користите оваа нова функција на Windows Maps, потребно е да ја инсталирате најновата верзија, доколку истото не ви е наместено да се прави автоматски. Апликацијата можете да ја симнете преку следниот линк.