Netflix воведе нова функција, како дел од Downloads делот во мобилната апликација, наменета за корисниците кои често имаат потреба од гледање на содржината без интернет конекција, односно офлајн.
Downloads For You е името на новата функција која треба да се вклучи, односно не е автоматски вклучена. Со вклучувањето на Downloads For You, Netflix ќе започне со автоматско симнување на филмови и серии кои смета дека ќе му се допаднат на корисникот, а таа проценка ја прави врз основа на историјата на гледана содржина.
Корисниците ќе имаат избор колку простор на уредот би сакале да можат да бидат потрошени од Netflix за оваа намена, односно 1, 3 или 5GB, а од компанијата истакнуваат дека колку поголем простор е избран, толку повеќе содржина ќе биде зачувана.

Оваа функција, исто како и Downloads делот генерално, е најмногу наменета за корисниците кои често патуваат и се во ситуација да немаат пристап до интернет, па симнувањето на содржината која сакаат да ја гледаат е одлична можност. Со Downloads For You Netflix ќе им овозможи на корисниците нешто интересно за гледање во ваквите моменти, дури и кога не знаат што точно сакаат да гледаат.
„Без разлика дали си фан на комедии заглавен на долг пат со автомобил или љубител на романтични комедии без интернет пристап, ние работиме за да секогаш има нешто ново кое те чека да те забавува и воодушеви.“- истакнуваат од Netflix.
После одреден период на тестирање во САД, Downloads For You станува достапна во целиот свет за корисниците на Android, а се најавува дека наскоро ќе започне тестирањето и на iOS.