Една од главните и поинтересни новини претставени во iOS 8 е можноста за инсталирање на апликации кои што ја менуваат вградената тастатура од оперативниот систем. Овој вид на апликации се едни од најпопуларните на Android, оперативен систем познат по својата флексибилност, односно можност за прилагодување на разните вкусови на корисниците.
Уште од најавата за отворањето на оваа можност во новата верзија од iOS, повеќето познати вакви апликации на Android беа најавени со своја верзија за оперативниот систем од Apple.
Меѓутоа, според Tiny Hearts, компанијата која што стои зад развојот на Next Keyboard, сите овие апликации се само еден вид на „копии“, односно истите верзии само пренесени на iOS. Со тоа сакаат да кажат дека не нудат ништо поразлични или уникатно за овој оперативен систем.
Next Keyboard е тастатура која што навистина нуди повеќе од другите вакви апликации во форма на корисни мали функционалности. Истата моментално е во развој, а од компанијата решија да го финансираат нејзиното завршување преку Kickstarter платформата. Потребната сума веќе е надмината, што значи до истекот на рокот останува само да се види колку над минимумот ќе биде собрано и дали можеби сумата ќе влијае на дополнителни функции.
Што е она што ја прави оваа тастатура интересна и до некаде различна од другите вакви апликации. Првата интересна работа, која што можеби е и меѓу најкорисните и јас се прашувам зошто на другите платформи оваа активност се извршува толку комплицирано е работата со курсорот.
Сигурно често ви се има случено, мене премногу често, да кога пишувате забележите дека имате згрешено по некоја буква од зборовите. Бришењето на целиот збор и повторно пишување често знае да биде поедноставна активност, отколку преместувањето на курсорот на точното место за бришење и исправка на едната буква.
Next Keyboard тоа го овозможува на многу едноставен, прегледен, а може да се каже и интуитивен начин. Наместо да го поместувате прстот директно на текстот, курсорот во оваа апликација го движите со поместување на прстот по space копчето. За точното поставување на курсорот се појавува и посебен поглед на делот за предлози за зборови, каде што добивате нешто поголем поглед на текстот. На овој начин преместувањето на курсорот станува навистина поедноставна и побрза активност која што сигурно би почнале почесто да ја користиме.
Тастатурата иако изгледа добро, сепак секој корисник има свој вкус, па поради тоа достапни се неколку теми со кои што може да се менува нејзиниот изглед. Другите функции на Next тастатурата ги вклучуваат следните:
- Посебно emoji копче за брзо и лесно пристапување до овие мали икони
- Систем за предложување на зборови при пишувањето
- Систем за предложување на emoji врз основа на напишаниот текст
- Swipe начин на внесување на текст (со повлекување на прстот од една на друга буква)
- Поистакнат начин на прикажување на вклученоста на shift функцијата, односно дали во моментот користите мали или големи букви
- Побрз пристап до бројки и знаци
- Autocorrect
- Посебни звуци при пишување
- Подобра приватност и безбедност поради немањето на потребата од давање на целосен пристап на апликацијата
Извор: Kickstarter