Покрај повеќе новости, една од главните кај Windows 11 е корисничкиот интерфејс кој сега може да се каже дека конечно изгледа одлично, но и најважно, унифицирано низ сите елементи од системот.
Оваа недела, заедно со првата тест верзија од Windows 11, Microsoft пушти и нова верзија од Office апликациите која донесува освежување на корисничкиот интерфејс во стилот на Windows 11, односно според Fluent дизајн правилата.
Корисниците кои сакаат да го пробаат новиот изглед на Office апликациите тоа можат да го направат без разлика дали го користат новиот Windows 11 или како што се поголеми шансите, уште се на Windows 10. Се што треба е да се приклучат на Office Insider програмата, по што ќе им биде пуштена бета верзијата од апликациите.

Покрај освежениот изглед, Office апликациите сега ја следат темата на оперативниот систем, па доколку се избере темната тема, вклучувањето на некоја од апликациите автоматски ќе биде префрлена на темната тема од Office.
Покрај новиот изглед, Microsoft најави дека конечно Office апликациите добиваат поддршка за 64-битните ARM чипови. Ова ќе направи голема разлика за корисниците на компјутерите кои се со ваков процесор, а досега беа ограничени во изборот на апликации. Ваквата ситуација треба да се смени со Windows 11.
Новиот изглед го добиваат сите апликации од Office пакетот, односно Word, Excel, PowerPoint, Outlook, OneNote, Access, Project, Publisher и Visio.