opera-25-beta-bookmarks

Opera е еден од најстарите интернет прелистувачи и беше доста популарен кај корисниците, посебно пред појавата на Google Chrome и Mozilla Firefox. Она што е интересно е што од компанијата која што го развива прелистувачот, решија да го користат Chromium и неговиот енџин Blink како основа за развој на најновите верзии. Сепак не се работи само за Chromium со нешто поразлична шминка, па Opera ги задржува доста од своите познати функции, а додава и нови.

Од оваа недела достапна е бета верзија од овој прелистувач кој што моментално е до 24-та верзија. Бета верзијата е за наредната, односно Opera 25 верзијата и за разлика од порано кога се нарекуваше Opera Next, сега го носи стандардното бета име. Оваа верзија вклучува неколку нови и интересни работи кои што вредат да бидат спомнати, а сигурно се добредојдени доколку сте корисник на овој прелистувач.

Од оваа верзија Opera повторно добива поддршка за Linux, што е првпат од преминувањето на Chromium како основа за негова изработка. До сега беа достапни развојни верзии за програмерите, меѓутоа тие не се погодни за обичниот корисник. Opera 25 beta ќе можат да ја користат сите заинтересирани корисници, односно бета верзиите веќе подолго време се доволно стабилни кај повеќето софтверски решенија.

Покрај поддршката за Linux, Opera 25 beta вклучува уште неколку нови функции. Можеби најважната според нас е воведувањето на менаџер за омилени страни, односно Bookmarks manager. Ова е нешто што недостасуваше кај прелистувачот, па беше потребно симнување на дополнителен додаток за нивно организирање. Со воведувањето на омилени страни, прелистувачот станува доста покорисен. Сепак од Opera одат чекор понапред, па менаџерот за омилени страни е направен нешто поразлично од тоа на што сме научени на другите прелистувачи каде што тие се листа од веб страни кои што можете да ги организирате во посебни папки. Во случајот со Opera тие веднаш се организирани во посебни папки, корисничкиот интерфејс е направен за полесно нивно организирање, а при притискање на копчето за зачувување на одредена страна имате можност да изберете која слика ќе биде поставена за неа.

opera-25-beta-bookmarks-1

Исто така Opera 25 beta вклучува измени во главната страна, односно Speed Dial страната. Изменет е корисничкиот интерфејс, а веб страните кои што се поставени вклучуваат нови икони, наместо стандардните слики од содржината. Додадена е поддршка за H.264 и MP3, вграден е PDF читач, како и поддршка за нотификации од веб сервисите како email и слично.

Извор: Opera

Претходна статијаFBI воведува нов систем за распознавање лица
Следна статијаSandisk создаде мемориска картичка со импресивни 512 гигабајти
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.