Pocket, одличниот сервис за зачувување на веб страни за читање подоцна, од каде и старото име Read It Later, беше купен од страна на Mozilla во 2017. Од компанијата најавија дека од идниот месец корисниците ќе мора да почнат да го користат сервисот со Firefox сметка, а не како што сега може со различни.
Во годините што поминаа Pocket доби доста подобрувања, покрај во изгледот, така и во достапните функции, па сега сервисот може да се користи и за откривање на слична содржина со таа што се зачувува, а најново, сервисот овозможува и креирање на посебни листи за различни видови на страни.
Можноста за користење на Pocket само со Firefox сметка од Mozilla го објаснуваат со подобрување на безбедноста и приватноста на корисниците, но без разлика на причината, сервисот е во нивна сопственост, па очекувано е вакво нешто.
Промената кон Firefox сметки ќе започне од идната недела, поточно од 11 јули. Корисниците кои користат само имејл адреса за најава, при наредната најва ќе им биде понудено да ја надградат својата сметка и да ја префрлат на нивната Firefox сметка, доколку ја имаат или да креираат нова. Ова префрлување ги зачувува сите страни кои се дел од Pocket, односно корисниците нема да изгубат ништо.
Од 15 август оваа промена ќе биде завршена, односно корисниците веќе нема да имаат избор дали да го користат сервисот со Firefox сметка.
За корисниците кои се најавуваат на Pocket преку Apple или Google, префрлувањето ќе биде направено автоматски почнувајќи од идната недела. Најавувањето ќе биде со истото корисничко име, но сега тоа ќе стане Firefox сметка.