Pocket, односно порано познат како Read It Later, е сервис преку кого со притискање на едно копче ја зачувувате веб страната на која што сурфате за да ја отворите подоцна, како што кажува и името. Тоа можете да го направите преку достапните додатоци (add-ons) за прелистувачите, како и апликациите достапни за мобилните уреди.
Официјална Pocket апликација е достапна за Android и iOS уредите преку која што можете да ја зачувате содржината што ја разгледувате во моментот, како и прелистување на листа со вашата зачувана содржина. До сега Pocket нема претставено официјална апликација за Windows Phone платформата, па корисниците мора да користат некоја од апликациите од трети лица, односно неофицијални апликации кои што се поврзуваат на сервисот.
Poki е една од тие апликации кои што служат како Pocket клиент, односно се поврзува на вашата сметка и ви овозможува да ја гледате вашата зачувана содржина. Оваа апликација има одличен кориснички интерфејс, функции и брзина на работење, што прави да корисниците на оваа платформа првпат добијат сериозен Pocket клиент и да не се чувствуваат запоставени од недостатокот на сеуште голем број на апликации.
Кога ќе ја отворите апликацијата прво што ќе забележите е нејзиниот одличен дизајн. Листата на зачувани страни е главната страна која што можете да ја менувате според непрочитани, омилени и архивирани страни, а исто така имате можност да го промените редоследот по кој што се прикажани зачуваните страни, односно најнови или најстари. Со повлекување на десната страна, апликацијата има уште еден екран на кого е претставена статистика на број на зачувани страни и колку од нив се непрочитани. Исто така од оваа страна можете да пристапите до прилагодувањата на апликацијата, достигнувањата и слично. Достигнувањата се интересна функција на апликацијата преку кои што добивате ѕвездички за работи како на пример, 100 отворања на апликацијата, прочитани 100 артикли и слично.
Poki доаѓа со можност за промена на бојата на апликацијата, односно со 3 теми, светла, темна и црна. Можност за менување на големината на буквите и нивниот стил, како и можноста за зачувување на страните на телефонот. Poki исто така има можност да ви ги чита зачуваните страни, па вие може само да ги слушате наместо да гледате во екранот. Секоја од зачуваните страни можете да ја закачите на home екранот за побрзо отворање подоцна.
Главните карактеристики на Poki за Windows Phone 8 се:
- Целосно прилагодување на читањето на апликациите
- Можност за зачувување на телефонот со статистики за зафатениот простор
- Слушање на артиклите со можност за паузирање/продолжување/стопирање, како и автоматско детектирање на јазикот
- Зачувување на позицијата до која што имате прочитано или слушано за секоја посебна статија
- 3 достапни теми (темна, светла и црна)
- Интегриран филтер за листата
- Добивање на достигнувања за читање на статиите
- Пребарување на статиите по наслов, URL или ознака
Poki е развиена од страна на австрискиот програмер Tobias Klika и ова е неговата прва апликација. Истата чини 1,99 долари, а има и trial верзија која што е ограничена на 50 побарување до серверот на Pocket. Достапна е во продавницата за апликации и можете да ја симнете преку следниот линк.