Корисниците на Windows 11 може да очекуваат повеќе реклами да им бидат прикажувани од страна на Microsoft на нивниот компјутер. Како што повеќе пати досега можевме да прочитаме, од компанијата планираат или веќе прикажуваат реклами во Старт менито, File Explorer, како и најново се планираат реклами во Settings.
Во тест верзиите од Windows 11 може да се видат реклами на главната страна од Settings, конкретно примерот кој е прикажан моментално е реклама за Xbox Game Pass.
Од компанијата се трудат да прикажувањето на рекламите не биде наметливо, односно да не го претворат Windows 11 во некоја од веб страните кои се преполни со реклами. Сепак, со оглед на тоа дека Windows не е бесплатен производ, разбирливо е зошто повеќето реакции се негативни.
Новата верзија од Weather апликацијата, која постепено им е пуштана на корисниците, ќе продолжи да има реклами, а според информациите нив ќе ги има повеќе.
Може да се види дека тие ќе бидат прикажувани на десната страна од корисничкиот интерфејс, а Weather веќе може да се спореди со веб страните кои се полни со реклами.
Критики од корисниците за ова има цело време, па Microsoft некогаш се откажува од плановите, но како што гледаме после некое време повторно се обидуваат. Изгледа од компанијата се решени да прикажуваат реклами, па само може да се надеваме дека нема да претераат.