Microsoft оваа недела ја претстави новата верзија од нивниот Bing пребарувач која ја користи алатката GPT од OpenAI, истата алатка на која работи ChatGPT „чет ботот“ којшто доби огромна популарност при крајот на минатата година.
Со ова, Bing станува многу повеќе од обичен пребарувач на веб страни преку клучни зборови. Пребарувањето се проширува со можноста за поставување на цели прашања во „природен говор“, односно исто како што тоа го правиме помеѓу луѓето.
Слободно може да се каже дека ја гледаме иднината на пребарувањето, иако ова е само почетокот, па како и за се друго, ќе помине време додека биде усовршено.
Microsoft со ова му објавија „војна“ на Google кои ден денес се на првото место во светот, а Bing кои се на второто се далеку со мала шанса за приближување. GPT алатката е најголемата шанса која досега се покажала во тој правец.
Дека тоа е така се гледа и од десеткратното зголемување на инсталирањето на мобилната Bing апликација, според data.ai. Дека работите одат во тој правец може да се види и од топ листите на продавниците за апликации каде Bing има дојдено до самиот врв.
Колку новиот Bing ќе успее да го загрози Google ќе видиме оваа година. Google секако дека нема да седат мирно и да чекаат, па тие веќе го претставија својот конкурент на GPT, наречен Bard.
Изгледа од сега, па натаму, конкуренцијата ќе се одвива во правец на способноста на вештачката интелигенција, па ќе видиме дали Google или Microsoft со OpenAI ќе се покажат како поуспешни.
Microsoft планира многу поголема интеграција на алатките од OpenAI кај нивните производи, па покрај тоа што веќе го видовме резултатот од тоа кај Microsoft Teams, наскоро ќе можеме да го видиме и кај Word, Excel, Outlook и слични.