Статистиките за интернет прелистувачите, кои се достапни преку познатата Statcounter, ни покажуваат мала промена на пазарот која оди во корист на Safari од Apple. Овој прелистувач го зацврстува своето второ место на пазарот, а според бројките изгледа дека тешко некој од останатите ќе може да го достигне.
Можеби звучи чудно да се говори за цврсто второ место, но како што е познато Google Chrome веќе одамна го држи првото место без никаква шанса некој да се доближи доволно за да може да ја загрози оваа позиција.
Заклучно со минатиот месец, на светско ниво и на сите платформи, Chrome држи 62,55%, додека второто место го има Safari со 20,5%. Edge го држи третото место, но со само 5,28%, по што следи Opera со 3,22%, Firefox со 2,8% и Samsung Internet so 2,38%.
Доколку се видат процентите само на десктоп, повторно во целиот свет, Chrome има удел од 61,1%, по што повторно следи Safari со 14,45%, па Edge со 10,66%, Firefox со 6,04%, Opera со 5,31%.
Кај мобилните Chrome држи 64,82% од пазарот, по што следи Safari со 24,82%, па Samsung Internet со 4,3%, a Edge и Firefox тука воопшто ги нема во првите места.
Од ова може да се заклучи дека Chrome продолжува да е главниот избор на повеќето корисници, без разлика која платформа ја користат, но Safari успева да избие на второ место кое делува засега доста сигурно и недостижно за другите.
Успехот на Safari може да се препише на зголемената популарност на уредите од Apple, нешто што во голем дел е резултат на развојот на сопствен чип од компанијата, односно M серијата на чипови.
Во Македонија на сите платформи првото место го држи Chrome со 77,64%, по што следува Safari со 11,8%, а третото место во нашата земја го има Firefox со 3,3%.