Уште пред една година Microsoft најави, а гласините беа уште порано, дека Mail и Calendar оваа година ќе бидат заменети со новиот Outlook, кој се’ уште така се нарекува најчесто.
Корисниците добија доволно време да се прилагодат на промените, а и сега имаат доволно до официјалното тргање на Mail и Calendar апликациите. Тие ќе престанат да функционираат и да добиваат поддршка до крајот на годината, а како главна причина за тоа се смета промената која доаѓа во септември.
Поточно, од 16 септември оваа година корисниците нема да можат да се најават на сервисите од Outlook со користење на „основна автентикација“, односно автентикација која подразбира внесување само на корисничко име и лозинка.
Тие ќе мора да се најавуваат со новиот и модерен систем за автентикација кој бара внесување на дополнителен код или „passkey“.
Старите апликации како Mail и Calendar немаат поддршка за овој нов систем, па корисниците ќе мораат да го користат новиот Outlook кој веќе е достапен на Windows, а и сигурно веќе се има „наметнато“ на корисниците.
За корисниците кои користат бесплатни Outlook сметки, Outlook десктоп апликацијата е бесплатна, а истото важи и за macOS верзијата.
Дополнително, Microsoft најави дека од 19 август корисниците со постари прелистувачи нема да можат да го користат Outlook.com, односно ќе мораат да се најават преку поновите верзии. Поддржани ќе бидат Edge 79 и понова, Chrome 79 и понова, Firefox 78 и понова, како и Safari 16 и понова.