Изминатите година дена развојот на Skype одеше во правец на унифицирање на корисничкиот интерфејс без разлика на платформата. Тоа го донесе интерфејсот кој што се користи на Windows Phone и на другите платформи, па иако не може да се каже дека изгледот беше 100% ист, Skype во главно изгледаше исто.
Од оваа недела, со најновата верзија од апликацијата за Android и iOS, Skype, односно Microsoft решија да одат во друг правец. Skype од сега ќе биде прилагоден за секоја платформа посебно, па освен основната сличност, апликациите ќе бидат поразлични од досега.
На Android Skype е направен според правилата на материјалниот дизајн кој што веќе одреден период се користи како главна основа за дизајнирање на платформата. Карактеристично за оваа платформа, Skype ќе го вклучува тркалезното копче на долниот десен агол кое што ќе биде наменето за започнување на нов разговор.
Покрај промените во дизајнот, апликацијата исто така вклучува и одредени подобрувања во перформансите и функционирањето. Па така, подобрено е пребарувањето на контактите и разговорите, како и прикажувањето на бројот на непрочитани пораки.
Промената е иста и кај iOS верзијата. Skype е направен на начин карактеристичен за оваа платформа, па корисниците треба да добијат многу подобро искуство. Навигацијата во апликацијата е префрлена на долната лента која што најчесто се користи во iOS, па веќе го нема карактеристичното повлекување лево и десно за Windows Phone.
За разлика од Android каде што повторно не е направена промена на верзијата за таблет компјутерите, iOS добива и нова iPad верзија. Истата е прилагодена за поголемите екрани, а воведени се сите нови промени од мобилната верзија.
Промена во Windows Phone верзијата од Skype нема, меѓутоа тоа и не се очекуваше поради најавениот развој на целосно нова Windows 10 верзија која што ќе биде интегрирана во главната апликација за пораки. Освен неколку примери за дизајнот, до сега не можевме да видиме нешто повеќе околу оваа апликација, меѓутоа истото треба да биде променето до крајот на годината.
Извор: Skype