Skype иако достапен за Linux корисниците веќе одамна, надградбите не се ни приближно чести како на другите платформи, а и корисничкиот интерфејс не е во тек со најновите верзии. Затоа секогаш кога има нова верзија од Skype за Linux тоа претставува добра вест за корисниците. Оваа надградба на Skype не е голема, а тоа може да се види и од малата промена во бројот на верзијата од 4.2 на 4.3. Сепак оваа верзија вклучува неколку промени кои што се вредни за спомнување. Официјалната листа на новости во 4.3 верзија ги вклучува следните работи:
- Надграден кориснички интерфејс
- Новиот начин на менаџирање на разговорите во облакот
- Подобрување на поддршката за пренос на податоци кога се користат повеќе уреди во исто време
- Подобри прилагодувања за слепите лица и лицата со проблеми со видот
- Замена на Alsa со PulseAudio 3.0 и 4.0
- Исправка на повеќе пријавени и откриени багови
Иако Skype за Linux не е целосно редизајниран и доведен во тек со другите платформи, сепак може да се забележат неколку промени во изгледот на апликацијата. Првата промена ќе ја забележите при вклучувањето, односно изгледот на екранот за најавување е направен да изгледа како на другите платформи и ја вклучува можноста за користење на Microsoft сметката за најавување на Skype.
Главниот интерфејс на Skype изгледа исто како и досега, со тоа што е додадена нова лента на горниот дел од листата со контакти на која што се поставени копчиња за додавање на нови контакти, започнување на повик и гледање на листата на последни трансфери на фајлови.
Новата верзија исто така вклучува интеграција со стандардниот систем за нотификации, па при секоја добиена нова порака ќе се појавува лентата за нотификации стандардна за дистрибуцијата која што ја користите. Исто така при повици сега е достапен виџет на екранот преку кој што можете да го гледате времетраењето на повикот, да го исклучите микрофонот, како и да го исклучите повикот.
Новата верзија на Skype за Linux можете да ја симнете преку следниот линк.