Еден од најголемите проблеми на Skype во денешно време кога се користи на повеќе од еден уред, е тоа што нотификациите стигаат на сите уреди во исто време, без разлика дали на еден од нив разговарате во моментот. Тоа значи дека доколку седите на вашиот десктоп компјутер и разговарате преку Skype, а во истиот момент го има вклучено Skype и на другите ваши уреди, како мобилниот телефон и таблет компјутер, ќе добивате нотификации и на тие уреди. Ова е нешто што е прилично досадно, додека разговарате цело време го слушате карактеристичниот звук на Skype како се вклучува на другите ваши уреди иако пораката веќе ја имате видено.
Од Skype веќе одамна се свесни за овој проблем на оваа постара платформа, па почнаа со постепено средување. Пред некој месец беше воведено синхронизирањето на статусот на пораките помеѓу уредите, односно прочитаните пораки треба да бидат означени како прочитани и на другите уреди, односно на тие на кој што го немате правено разговорот. Тогаш беше најавено дека треба да се реши и проблемот со добивање на повеќе нотификации, меѓутоа очигледно ова е нешто што не им иде баш лесно, што можеби и е разбирливо поради тоа што се работи за модернизирање на веќе масовно користена платформа, наместо почнување од нула.
Денеска од Skype најавија дека конечно го решиле овој дел од платформата, па сега нотификации ќе добивате само на уредот на кој што активно ја користите апликацијата, а на другите уреди тие ќе бидат исклучени. Од компанијата оваа функција ја нарекуваат Active endpoint. Кога првпат ќе добиете порака на Skype сите вклучени уреди ќе добијат нотификација, меѓутоа кога ќе започнете да разговарате на еден од нив, другите нема да добиваат нотификации. Пораките ќе продолжат да стигаат на другите уреди, односно нема да ги изгубите разговорите. Кога ќе престанете да разговарате, нотификациите повторно ќе почнат да стигаат на сите ваши уреди со цел да не пропуштите добиена порака.
Оваа „нова“ функција постепено ќе биде пуштана кај сите корисници во текот на наредните недели, а од Skype препорачуваат да ги инсталирате сите достапни надградби на апликацијата на уредите за да бидете сигурни дека нема да ја пропуштите.
Извор: Skype