Иако може да се најде по некоја апликација, во главно персоналните асистенти се направени и вградени во оперативните системи. Тоа значи дека на пазарот има 3 познати асистенти за кои што може да се каже дека доаѓаат со најголем број на функции и квалитет на работа.
Android Now, Siri и Cortana се трите персонални асистенти кои што им се најмногу познати на корисниците и можеби ретко кој очекува дека некој ќе се обиде да им конкурира со посебна апликација.
SoundHound, компанијата која што стои зад истоимената позната апликација за препознавање на музика, конкуренција на Shazam, претстави нова апликација наречена Hound.
Hound е апликација персонален асистент кој што за разлика од некои други, навистина може да им конкурира на досега главните. Барем така ја претставуваат апликацијата од компанијата.
Истата е моментално достапна само за Android платформата во бета верзија за чие што инсталирање е потребно да се добие покана, што значи уште е во тест фаза од помал број на луѓе.
Она што треба да го направи Hound на ниво или подобар од конкурентите е начинот на кој што би требало да се комуницира. Асистентот треба да разбира многу понормален говор, па корисниците нема да треба да се трудат тоа што го кажуваат да биде што пократко и појасно кажано.
Исто така, барањата кои што се поставуваат до асистентот можат да бидат доста подолги или едноставно да се продолжи разговорот со поставување на дополнителни потпрашања.
Што се однесува до можностите, Hound како и другите асистенти може да ви ја каже временската прогноза, да ви постави аларм или состанок во календарот, да испрати порака за вас, да ви каже кога се достапни одредени авионски летови, да резервира хотелско сместување и слично.
Hound понатаму се очекува да биде достапен и за корисниците на iOS кои што исто така ќе треба да бидат поканети. Кога ќе биде достапна јавна верзија од апликацијата ќе дознаеме со тек на развојот.
Во продолжение можете да го погледнете видеото направено од страна на SoundHound во кое што го претставуваат Hound и неговите предности.
Извор: SoundHound, TNW