Корисниците на Windows Phone веќе се научени да не добиваат надградби на своите апликации, а од тие што добиваат да биде неколку месеци по Android и iOS. Оваа недела нова верзија доби Swarm апликацијата од Foursquare која што е надградена на верзијата 2.0.
Главната новина во оваа верзија е можноста за испраќање на приватни пораки, нешто што беше воведено во сервисот во Март на другите платформи. Овој систем за пораки е замена за можноста за креирање на планови на кои што пријателите можат да се приклучат.
Покрај можноста за пораки, Swarm во оваа верзија вклучува многу повеќе стикери кои што се користат при чекирање на некое место. Стикерите сега добиваат и своја посебна лента каде што се прикажани отклучените и заклучените стикери со објаснување како да ги отклучите.
Со оваа надградба Swarm повторно е поблиску до верзиите на другите платформи, па корисниците на Windows Phone можат да бидат задоволни. Подобрување на оваа ситуација се очекува со излегувањето на Windows 10, систем кој што покрај тоа што се очекува да има поголема популарност, ќе овозможи многу лесно прилагодување на iOS и Android апликациите да работат на него.
Swarm за Windows Phone можете да ја симнете или надградите преку продавницата за апликации или преку следниот линк.