Arc е прелистувач кој беше претставен минатата година на macOS, а во меѓувреме стана достапен и на Windows. Се разликува од повеќето други прелистувачи на пазарот, па слободно може да се каже дека е првиот кој на пазарот донесува нешто ново.
Сепак, јас би додал дека овој прелистувач на е баш за секого, иако донесува уникатен начин на функционирање. На моменти Arc е некако сложен и непотребно ги комплицира одредени функции кои се едноставни кај другите. Затоа овој прелистувач е наменет за корисниците кои наоѓаат предности кај ваквиот начин на функционирање.
Основачот на компанијата Џош Милер најави, голема вест според него, за преминување на вработен од Apple кој работи на развојот на Safari, во The Browser Company.
Според Милер, тој е еден од двајцата водечки дизајнери во тимот, па ова е голема вест за Arc прелистувачот.
Вработениот е Чарли Дитс кој е во Apple од 2019 година, а претходно има работено во Meta на Facebook и WhatsApp.
Со ова вработување може да се заклучи дека на The Browser Company им оди добро, па оваа година може да се очекуваат доста новини кај Arc прелистувачот.
Arc покрај доста уникатниот начин на функционирање, доста брзо воведе и генеративна вештачка интелигенција во повеќе форми кои корисниците можат да ги вклучуваат и исклучуваат. Посебно внимание се дава на можноста за пребарување, а до летото се најавува и пуштање на унифицирана верзија од прелистувачот на iOS.