Нешто што требаше да биде претставено пред 10 години, како што истакнува директорот на организацијата која стои зад Thunderbird, конечно ќе биде дел од развојот на овој познат имејл клиент.
Thunderbird наскоро веќе нема да биде само клиент кој се користи со различните достапни имејл сервиси, па на корисниците ќе им понуди сопствен сервис. Со тоа Thunderbird ќе стане конкуренција со Gmail, како и со Outlook.com.
Thundermail е брендот под кој ќе функционира имејл сервисот од Thunderbird, а се планира на корисниците да им биде понуден како платен додаток, но ќе има и бесплатен пакет.
Корисниците ќе можат да се регистрираат и да го користат thundermail.com доменот, а исто така ќе можат да го изберат и tb.pro доменот.
Покрај имејл сервисот, од организацијата најавуваат претставување и на Thunderbird Pro пакет, во кој ќе биде вклучен и Thundermail.
Корисниците на овој пакет ќе добијат дополнителни функции кои не им се достапни на бесплатните корисници. Овие функции вклучуваат такви како можност за закажување на состаноци во календарот, испраќање на датотеки, како и Thunderbird Assist вештачка интелигенција.
Засега нема точни најави кога може да се очекува пуштањето на Thunderbird Pro и Thundermail, а според информациите, развојот сѐ уште е на почеток, па не би ме изненадило официјалното претставување да биде најрано до крајот на годината, а можеби и идната.
Корисниците можат да се пријават на листа на чекање, па ќе бидат известени кога ќе можат да добијат пристап до Thundermail.
Директорот на организацијата, Рајан Сајпс, истакнува дека ова треба да биде алтернатива на сервисите од големите компании која ќе биде со отворен код и со акцент на приватноста на корисниците.
Не сум сигурен колку нешто што е развивано под Mozilla веќе може да се смета за вистински приватна алтернатива на големите, но ќе видиме што ќе се случува со организацијата на тој план.
После одреден период на послаб развој на Thunderbird, пред две години беше пуштена досега најголемата надградба на апликацијата која беше доста застарена.