client_side_encryption

Сервиси кои што нудат чување на податоци во облакот има повеќе и тие се популарни и се’ повеќе користени од страна на корисниците. Тоа не е чудно со оглед на уредите кои што еден просечен корисник ги има, па користењето на вакви сервиси го олеснува пристапот до разни документи, слики и разни други фајлови на големиот број на уреди. Меѓутоа иако овие сервиси се масовно користени и популарни, загриженоста за сигурноста и приватноста на фајловите на нив е голема, посебно последните година дена по откривањето на степенот до кој што властите вршат следење на интернет комуникацијата. Она што е карактеристично за овие сервиси е дека и покрај тоа што тие имаат заштита, односно користите лозинка за најавување на нив, сепак компанијата која што го овозможува сервисот има пристап до вашите фајлови и по потреба може да ги даде на властите.

Ова е проблемот кој што сакаат да го решат од Tresorit, startup компанија со седишта во Швајцарија и Унгарија. Нивниот сервис за складирање на фајлови во облакот користи енкрипција на фајловите на страната на корисникот, па тој е единствениот кој што го поседува клучот за нивна декрипција. Тоа значи дека Tresorit немаат пристап до клучевите за декриптирање на фајловите на нивните сервери, па доколку некој добие пристап до нив, нема да може да ја види нивната вистинска содржина. Исто така компанијата има поднесено барање за патент за нивната технологија за криптографска енркипција за која што велат дека не е можно да биде пробиена. Тоа го поткрепуваат со наградата која што ја нудат за пробивање на енкрипцијата која што до денес никој нема успеано во тоа. Се разбира не постои ништо што е 100% заштитено во денешното време на технологија, меѓутоа ваквите сервиси дефинитивно нудат многу поголемо ниво на заштита кое што е скоро невозможно за пробивање.

share_and_collaborate_privately

Што се однесува до сервисот, тој ги нуди стандардните функции како и сличните сервиси, односно корисниците може да инсталираат апликација и да пристапат до фајловите преку Windows, Mac, Android и iOS, додека апликации за Windows Phone и Linux се во изработка и ќе бидат достапни наскоро. Поради заштита на податоците пристап до фајловите не е овозможен преку веб. Корисникот избира кои папки на компјутерот сака да станат дел од „трезорот“, односно тоа може да биде нова папка која што се креира при инсталацијата, но и било која друга папка на вашиот компјутер. Фајловите и папките може да бидат споделувани со други корисници со внесување на нивниот email.

Основниот пакет кој што е бесплатен нуди 5GB простор за складирање, а достапни се и платени пакети со поголем простор.

Апликациите можете да ги симнете преку официјалната страна на Tresorit преку следниот линк.

Претходна статијаMicrosoft ќе претстави File Manager за Windows Phone 8.1
Следна статијаGoogle ги претстави Docs и Sheets, ја тргна можноста за измена на документи од Drive
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.