Vivaldi е еден од најпознатите интернет прелистувачи кои се направени на основа на Chromium. Развиен од страна на еден од основачите на Opera, Vivaldi продолжува со филозофијата која ја имаше овој прелистувач за достапност на повеќе напредни функции кои ќе им овозможат на корисниците подобро корисничко искуство и избор при сурфањето.
Третата верзија, односно Vivaldi 3.0 е официјално пуштена оваа недела за корисниците на Windows, macOS и Linux и истата донесува неколку новини кои ќе го направат овој прелистувач уште полесен избор за доста корисници.
Покрај тоа, мобилната верзија која е достапна на Android официјално излегува од бета и ги донесува главните функции од десктоп верзијата.
Главната новина кај Vivaldi 3.0 е воведувањето на можност за блокирање на таканаречените интернет „тракери“ и реклами. Корисниците ќе можат да изберат помеѓу три нивоа, односно без блокирање, блокирање на тракери и блокирање на тракери и реклами.

Блокирањето на тракерите е направено со листата од DuckDuckGo кои од компанијата ја направија јавно достапна за сите минатиот месец. DuckDuckGo Tracker Radar листата е редовно ажурирана, а од компанијата истакнуваат и дека нивната листа е внимателно направена со цел да нема проблеми со веб страните.
Уште една новина која ја истакнуваат од Vivaldi е поставување на часовник на долната лента кој може да се користи и како потсетник, тајмер и слично.
Vivaldi можете да го симнете од неговата официјална страна на следниот линк.