Повеќето корисници сурфаат користејќи ги еден од четирите најпознати прелистувачи, односно Google Chrome, Mozilla Firefox, Internet Explorer и Apple Safari. Меѓутоа на пазарот постојат уште толку алтернативни прелистувачи кои што со годините успеваат да опстанат на пазарот со доволен број на корисници.
Еден од најпознатите алтернативни прелистувачи, досега достапен на мобилните уреди е UC Browser. Овој прелистувач е развиван од кинеската компанија UCWeb и со тек на годините прерасна во прилично добар прелистувач со избор од повеќе функции кои што го прават корисничкото искуство подобро.
UC Browser е и меѓу ретките кој што е достапен на сите можни платформи, односно достапни се верзии за iPhone, iPad, Android смартфони и таблети, Windows Phone, па дури и на Symbian.
Корисниците кои што го користат овој прелистувач на нивните мобилни уреди и се негови фанови, ќе бидат сигурно задоволни од можноста да го користат и на нивните компјутери. UC Browser е изработен и во верзија за Windows десктоп компјутерите, па корисниците можат да ја тестираат моментално бета верзијата достапна за сите.
Од UCWeb истакнуваат дека прелистувачот на десктоп ќе ги има сите функции по кои што е познат на мобилните платформи. Тоа ги вклучува следните најистакнати карактеристики на UC Browser:
- Брзо симнување на фајлови со можност за нивно продолжување доколку се прекинати и менаџер на фајлови
- Вчитување на слики и линкови предвреме за побрзо сурфање подоцна
- Синхронизација на прилагодувањата, омилените страни и табовите во облакот
- Speed dial, теми и додатоци за подобрување и персонализација на прелистувачот
Бета верзијата од прелистувачот можете да ја симнете преку следниот линк.