Многумина од нас пораснаа и за прв пат се запознаа со светот на интернетот преку Internet Explorer, но што е доста, доста е. Сериозно, ако ја читате статијава од IE 10 (или некој постар) во моментов, исклучете го и почнете да користите друг прелистувач. Chrome и Mozilla Firefox се одличен почеток, а оние што имаат Windows 10 секако треба да почнат да го користат Edge.
Ако досега, со сите проблеми со брзината и особено ранливоста на сајбер напади не се префрливте на друг прелистувач, после најновата вест од Microsoft дека веќе нема да пушта сигурносни надградби за постарите верзии на IE, секако дека ќе мора да го направите тоа.
Податоците кажуваат дека Internet Explorer користат околу 124 милиони корисници глобално, што е навистина голема бројка, а за работите да бидат полоши, многумина од нив користат постари верзии, оние што доаѓаа со Windows XP, Windows Vista и Windows 7, кои се особено лоши во поглед на заштитата на корисниците.
Internet Explorer инаку постои веќе 20 години, но неговата популарност драстично паѓаше во последнава деценија, особено поради тоа што не ги следеше трендовите – Microsoft беше бавен во донесувањето на новитети, како екстензии и дури и табови (кхм, јазичиња), но прелистувачот најмногу го мачеа багови кои го правеа нестабилен, бавен и небезбеден.
Отсега, сигурносни надградби ќе добива само најновиот Internet Explorer 11, кој се вградува во Windows 8.1 и Windows 10, а може да се добие и како надградба на Windows 7. Затоа, доколку имате ваков Windows или некоја уште постара верзија, бидете сигурни дека имате направено надградба на IE 11 – бесплатно е.
Сепак, според моето искуство, доколку можете, ќе биде добро целосно да го исфрлите користењето на овој прелистувач, освен ако навистина морате (на пример некој веб сајт не е компатибилен со други прелистувачи или пак ви налага компанијата каде работите). Со толку добри прелистувачи денес, меѓу кои и наследникот на IE, модерниот Edge, пак ќе повторам, сега е вистинскиот момент.
Извор: ZDNet (1) (2), Tech Radar