Една од предностите за користење на Phone апликацијата од Google, наместо таа која доаѓа со вашиот телефон, е можноста за брзо пребарување на локалните бизниси, односно нивните телефонски броеви. Оваа апликација исто така овозможува заштита од „спам“ повици, а таа сега добива уште една навистина корисна функција.
Verified Calls е името на новата функција и на корисниците им овозможува да можат да му кренат на непознатиот повик преку подобра информираност за истиот, преку ставање на името на бизнисот, неговото лого, ознаката дека повикот е верификуван, како и, интересно, причината за повикот.
Тоа значи дека доколку бизнисот се има пријавено на оваа функција, ќе може да ги информира корисниците зошто е повикот, односно за достава на храна, за информации за резервиран лет, трансакции од банката и слично.
Сите овие повици се важни за корисникот, но тој често се одлучува да не крене поради тоа што бројот е непознат и не знае дека може да е нешто важно, мислејќи дека е спам или слично.
Оваа нова функција сигурно ќе направи да корисниците се почесто се одлучуваат за Phone апликацијата од Google, која веќе не е ексклузивно достапна само за Pixel телефоните. Моментално е достапна на одредени Samsung уреди во бета форма, но од Google најавуваат дека апликацијата официјално ќе стане достапна на повеќе уредите во неделата што следи.
Не е чудо после одреден период повеќето производители да се откажат од развојот на своја апликација и да ја користат таа што доаѓа со Android, односно таа од Google.