Tinder најави дека воведува промена во начинот на верификување на профилите, поточно сликите на корисниците, процес кој сега ќе се прави преку видео „селфи“. Ова досега се правеше со сликање, односно со правење на „селфи“ во неколку позиции.
Верификувањето на сликите од корисниците се користи како начин да се биде сигурен дека личноста на сликите е навистина таа со која се разговара. Не се непознати ситуациите на запознавање со некоја личност кој потоа излегува дека не е истата од сликите.
Сите нови корисници на Tinder ќе им биде побарано да го направат видео „селфито“, но и корисниците кои се веќе верификувани на стариот начин, ќе треба да повторно го направат овој процес.
Новина со оваа најава, која ќе им стане достапна на корисниците во месеците што следат, е можноста да се избере комуникација само со верификувани корисници. Тоа значи дека тие што не се нема да можат да им испраќаат пораки на корисниците кои ја имаат вклучено оваа опција, па верификувањето на профилот би овозможило комуникација.
Од оваа најава станува јасно дека Tinder планира да дава поголемо значење на процесот на верификување на сликите, нешто што моментално е на 40%. Целта е да корисниците бидат сигурни дека сликите кои ги гледаат се вистински слики од корисникот.