Microsoft продолжува со интегрирање на генеративната вештачка интелигенција, односно ChatGPT стилот на алатки, каде и да стигне. Доказ за тоа е интеграција на ВИ во нивната Notepad апликација која не сум сигурен дека воопшто некој ја користи веќе.
Оваа година ќе биде годината на вештачката интелигенција, а тоа е јасно од очекувањата за целосна нејзина интеграција во наредната верзија од Windows, а тука се и другите компании кои го прифаќаат овој тренд.
Notepad сепак изминатите неколку години стана нешто подобра, па можеби и вреди да се користи од страна на дел од корисниците. Додавањето на вештачка интелигенција можеби ќе ја направи нешто повеќе популарна, но ќе видиме.

Тоа што се очекува да го донесе вештачката интелигенција во Notepad вклучува функции како повторно пишување на текстот, кратење на текстот или негово продолжување, избор на тон и формат на пишување и слично.
Оваа новина е забележана во тест верзиите од Windows 11, па моментално не функционира, но може да се види дека е наречена Cowriter. За истата е достапна слика, како и банер кој се планира за промоција.
Новата верзија од Notepad не знаеме кога може да се очекува, односно дали со некоја од надградбите на Windows 11 оваа пролет или дури со наредната верзија од Windows која ќе биде презентирана најверојатно во јули.