Како што беше најавено минатата недела, иако со задоцнување од неколку денови, VLC за Windows 8, односно 8.1 е достапен за симнување во продавницата за апликации. Исто така согласно со најавите, оваа верзија е компатибилна само со x86 процесорите, што значи дека може да ја симнат само корисниците на целосната верзија од Windows 8, a оние кој ја користат RT верзијата наменета за таблет компјутерите, ќе мора да причекаат. Кога ќе биде пуштена и RT верзијата исто така ќе биде пуштена и верзија за Windows Phone уредите.
Најголемата карактеристика на VLC player-от е неговата можност за пуштање на скоро секој достапен видео или аудио фајл без потреба од инсталирање на додатен софтвер. Ова важи и за модерната верзија, односно Windows 8 верзијата. Сепак VLC за Windows 8 е сеуште во бета верзија, па можни се одредени багови кои што ќе бидат исправени со тек на време.
Корисничкиот интерфејс е карактеристичен за модерните апликации на овој оперативен систем, односно тој е минималистички и едноставен со истакнати најважните работи за користење на апликацијата. На горниот дел од екранот ќе ги забележите категориите на медија фајлови кои што би можеле да ги отворите, односно нивната локација, па така тие се организирани во главна страна (home), видеа, музика, надворешни дискови и медија сервери. Главната страна ги прикажува вашите последни гледани видеа, како и дел од вашата видео и аудио колекција. Екранот кога гледате видео или слушате музика е прилично едноставен и ги има само најосновните функции кои што би ги очекувале.
Она што го забележавме, а ретко го имаме видено во други апликации е анимацијата за транзиција, односно при промена на екранот во апликацијата. Истата и дава на апликацијата доза на уникатност и покажува дека сеуште има простор за подобрување на ваквите апликации во продавницата.
Карактеристики на VLC за Windows 8:
- Ги пушта сите видео и аудио формати како и VLC десктоп апликацијата, вклучувајќи ги MKV, Ogg, Mov и FLAC
- Има поддршка за истите кодеци како VLC десктоп апликацијата, од MPEG-1 до H.265, WMV3 и VC-1
- Поддршка за селектирање на повеќе аудио траки
- Поддршка за преводи
- Поддршка за аудио во позадина
- Поддршка за „живите плочки“, односно Live Tiles
- Поддршка за надворешни дискови и DLNA сервери
VLC за Windows 8 е достапна за симнување во продавницата за апликации и тоа можете да го направите преку следниот линк.
Извор: WPCentral