WhatsApp минатата недела додаде нова функција која постепено ќе биде пуштана во светот во месеците што следат. Засега е достапна за ограничен број на корисници во Сингапур и Колумбија.
WhatsApp Channels е функција која во февруари беше пуштена на Instagram и истата сега активно се користи од Закерберг, Мосери и другите директори во компанијата. Во основа, ваквите функции се добар начин за добивање на нови информации од каналите кои се следат, а тоа се прави преку еднонасочни пораки, односно корисниците не можат да одговараат на пораките.
Корисниците на WhatsApp ќе можат да откриваат канали за следење преку Updates делот во апликацијата, поточно на последното место на долната лента. Покрај во овој дел, канали ќе може да се следат преку добивање покана, односно линк до каналот во порака, имејл или на некоја веб страна.
Пораките во каналите ќе може да содржат, покрај текст, слики, видеа, „стикери“, како и анкети.
Иако овие пораки не ја користат технологијата за шифрирање како кај пораките, од Meta ја истакнуваат посветеноста на приватноста на корисниците, како и администраторите на каналите. Тоа значи дека телефонските броеви нема да бидат прикажувани, а пораките ќе се бришат после 30 дена, а ќе биде додадена и можност тоа да се прави порано. Администраторите ќе можат да бираат како може да биде откриен нивниот канал, а и кој може да го следи. За иднина се најавува и можност за креирање шифриран канал за одреден вид на организации.
Покрај тоа што оваа функција беше пуштена во Instagram, додавањето во WhatsApp ја прави оваа апликација поконкурентна со Telegram, апликација која е една од најпознатите за овој начин на пренесување информации до корисниците.