
После одреден период на шпекулации, најави, па и тестирање на одреден број на корисници, WhatsApp за Android добивa можност за правење на аудио повици. Тоа значи дека притискањето на копчето “Call”, веќе нема да започнува обичен телефонски повик преку вашиот телефон, па истиот ќе се одвива преку самата апликација преку интернет.
Повиците се дел од нова верзија од апликацијата која што вклучува и промени во корисничкиот интерфејс. Апликацијата сега е поделена на повици, разговори и контакти, а работата со неа останува едноставна и интуитивна како и до сега.
Сепак, новата надградба се’ уште не е официјално потврдена од страна на WhatsApp, па шансите се дека надградбата нема да биде веднаш достапна за сите корисници. Информациите за достапноста доаѓаат од порталите од САД, кои што како и што би се очекувало први ќе ја добијат новата функција.
Како и да е, корисниците на WhatsApp конечно добиваат функција која што другите вакви апликации веќе одамна ја имаат. Можноста за правење повици кај нас е посебно популарна во ситуациите кога сме на одмор надвор од државата, па со достапноста на интернет пристапни точки, повиците дома најчесто се прават преку интернет, наместо преку роаминг повик.
Можноста за правење на повици се најавува и за корисниците на iOS во блиска иднина, а како што и би се очекувало, нема никакви информации за истото на Windows Phone.