Windows_Live_Mail

Преку својот Office блог, Microsoft ги информира своите корисници кои ја користат Windows Live Mail 2012 програмата, дека од ова лето веќе нема да можат да ја користат за добивање и испраќање на Outlook.com пораки.

Причината која се наведува е промената на онлајн сервисот која постепено станува достапна за сите корисници и донесува повеќе промени. Една од промените е што овој сервис сега го користи системот на Office 365 за работа, што според Microsoft не е компатибилен со Windows Live Mail 2012 програмата, односно истата нема поддршка за соодветните протоколи.

Корисниците ќе можат да пристапат до своите пораки и понатаму, но доколку сакаат да го користат сервисот ќе мора до истиот да пристапуваат преку интернет прелистувач или да користат некоја друга програма.

Она што од Microsoft го препорачуваат е корисниците да се префрлат на новата Mail апликација којашто е достапна само во Windows 8 и Windows 10, па ова почнува до некаде да наликува како уште еден начин за „мотивирање“ на корисниците да го надградат својот постар Windows на најновата верзија.

Покрај оваа можност, од Microsoft сепак истакнуваат дека Outlook програмата којашто е дел од Office 365 пакетот може да функционира со Outlook.com, па за корисниците коишто сепак нема да сакаат да го надградат оперативниот систем, ќе им овозможат една година бесплатно користење на Office 365.

Инаку, можноста за бесплатна надградба на Windows 10 истекува ова лето, поточно на 29 јули, па може да се очекува Microsoft да ја засили кампањата за што повеќе луѓе да ја искористат можноста. По оваа дата, корисниците ќе можат да го користат Windows 10 преку купување на нов уред со овој оперативен систем или со купување на лиценца којашто чини над 100 долари.

Извор: Office Blog

Претходна статијаXiaomi Mi Bunny е паметен часовник за деца кој може да се користи и како телефон
Следна статијаToyota патентира паметно ветробранско стакло со проширена реалност
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.