Wiper e мобилна chat апликација која ветува нешто што другите популарни апликации не можат да го ветат: дека се грижи за вашата приватност. Иако не се издвојува по својата иновативност, со оглед на веќе постоечките (и мегапопуларни) апликации како WhatsАpp и Viber кои доминираат на овој пазар за мобилни апликации, она што ја прави Wiper уникатна е тоа што ви дозволува перманентно да ги избришете пораките кои што сте му ги пратиле на вашиот пријател преку истата апликација, од неговиот уред. Се разбира ова не е првата апликација која што нуди ваква или слична можност, со зголемувањето на загриженоста околу приватноста можеме да видиме се повеќе вакви апликации.
Имено, со пристискање на копчето Wipe (оттаму името на апликацијата), целиот разговор се брише од вашиот мобилен уред, од уредот на вашиот пријател со кој сте разговарале, како и од серверите на Wiper. Поинформираниот читател ќе си помисли дека секогаш може да се направи screenshot од разговорот, правејќи ја Wipe опцијата не толку корисна како што изгледа на прв наврат. Сепак, тимот на Wiper го има предвидено и ова, па така доколку еден корисник направи screenshot од разговорот, Wiper веднаш го известува неговиот соговорник за тоа. Истото важи и за споделување на фотографии, при што оригиналниот испраќач на фотографијата е известен секој пат кога истата фотографија ќе биде споделена од некое друго лице.
“Без разлика дали се работи за WhatsApp, Facebook, Google или e-mail услуги, ние воочивме дека колку повеќе го гледаме начинот на кој работат комуникациските компании, толку повеќе станува јасно дека истите имаат нејасни политики за приватност во однос на приватните податоци, начинот на кој располагаат со нашите информации и колку долго истите ги задржуваат”, вели извршниот директор и соосновач на Wiper, Манило Карели (Manlio Carrelli).
Wiper поддржува и испраќање на аудио и видео фајлови, како и бесплатна услуга за енкриптирани (гласовни) разговори, преку технологија која тие ја нарекуваат „HD voice calling“.
Крајната цел на апликацијата, објаснува Карели, е постигнување на “Транспарентност околу она што луѓето го прават со вашите информации, со цел да можете да донесувате информирани одлуки за тоа со кој ќе разговарате”.
Апликацијата е достапна (бесплатно) на Android и iOS платформите, а наскоро се планира и претставување на веб-апликација.