Aviate е launcher апликација за Android која што го заменува стандардниот home екран, односно начинот на кој што се прикажани апликациите, виџетите, нивното стартување и слично. Компанијата која што стои зад развојот на апликацијата беше купена од страна на Yahoo на почетокот од оваа година, а основачите и тимот беа префрлени во новата компанија. Развојот на апликацијата беше најавено дека ќе продолжи без проблеми, па после подолг период на ограничено бета тестирање, од денес официјалната Yahoo Aviate е достапна за сите корисници. Финалната верзија вклучува одредени промени во корисничкиот интерфејс, како и неколку нови функции.
Карактеристично за Yahoo Aviate во споредба со другите launcher апликации е тоа што таа не е само уште една апликација која што додава функции на стандардниот Android launcher, како и измена на корисничкиот интерфејс, кај некои од нив. Aviate на главниот екран ги прикажува само оние апликации кои што со тек на време учи дека најмногу ги користите, а ги менува и во зависност на периодот од денот и слични други фактори во користењето на уредот. Така, Aviate во утрата ќе ви ги прикаже апликациите за вести и временска прогноза, office апликациите додека сте на работа и слично.
Кога за првпат ќе ја вклучите апликацијата таа од вас ќе побара да ги изберете апликациите кои што најчесто ги користите. Ова претставува еден вид на основа додека доволно научи за вашите навики. Исто така, остатокот од апликациите ги групира според категории, како на пример социјални мрежи, вести и слично, па многу полесно ќе можете да ги најдете апликациите кои што ви требаат. Доколку некоја апликација не е на листата, лесно можете да ја додадете преку листата на сите инсталирани апликации.
Ново во финалната верзија од апликацијата е можноста за повлекување од долната страна на екранот со што ќе пристапите до листа од најчесто контактирани луѓе, односно контактите од вашиот телефон со кои што најчесто комуницирате. Исто така подобрен е и календарот за чии што развој вклучени се функции од друга компанија купена од страна на Yahoo.
Како што и би очекувале, сервисите на Yahoo се во преден план во Aviate, па така временската прогноза ја добивате од Yahoo Weather, најновите вести од Yahoo News Digest и слично.
Yahoo Aviate е достапна за симнување во Play продавницата и можете да ја симнете преку следниот линк.
Извор: Yahoo Aviate