Yahoo ја купи апликацијата за вести од ко-основачите на Instagram, Artifact, пред околу два месеци, па не се очекуваше дека толку брзо од компанијата ќе почнат да ја користат купената технологија.
Artifact апликацијата на почетокот доби доста голема популарност, а се истакнуваше по алгоритамот на основа вештачка интелигенција за прикажување на вестите.
Сепак, со тек на време апликацијата стана непотребно сложена, а и беа додадени функции кои наликуваа на еден вид Twitter или слична друштвена мрежа.
Кевин Систром и Мајк Кригер одлучија дека не можат да продолжат да посветуваат време и ресурси на апликацијата, па ја продадоа на Yahoo кои се во сопственост на Verizon од 2020.
Од компанијата како што се очекуваше ја искористија технологијата зад Artifact и ја интегрираа во Yahoo News, односно дел од технологијата, а добро е што деловите како друштвена мрежа моментално се исклучени.
За жал, Yahoo News апликацијата се’ уште не е достапна во целиот свет, вклучувајќи ја тука и Македонија, па не сме во можност да ја користиме. Со технологијата од Artifact, Yahoo News може да се смета за една од подобрите вакви апликации на пазарот.
Од Yahoo ги истакнаа некои од новините кои доаѓаат кај нивната апликација, а тие вклучуваат персонализирана листа врз основа на вештачка интелигенција, сумирање на статиите и уште неколку нови функции.