Google денеска претстави посебна верзија од YouTube наменета за помалите корисници, односно за децата. Наречена YouTube Kids, апликацијата е достапна за корисниците на Android и iOS, меѓутоа за почеток само за американските корисници.
Апликацијата е направена да децата можат многу полесно да ја користат. За таа цел YouTube Kids вклучува многу поедноставен кориснички интерфејс со поголеми копчиња, поизразени бои и без многу опции кои што би биле непотребни за децата.
Видеата кои што може да се гледаат преку оваа апликација се специјално избрани да бидат пригодни за помалите корисници, а родителите да не се грижат што е тоа што тие ќе може да го гледаат. Покрај можноста за пребарување, видеата кои што се прикажуваат на главниот екран се поделени во 4 категории, односно Емисии, Музика, Учење и Истражување.
Содржината на YouTube Kids, односно видеата се прикажуваат од одредена бројка на избрани канали како што се DreamWorks TV, Jim Henson TV, Mother Goose Club, Talking Tom and Friends, National Geographic Kids и слични.
Апликацијата нуди и неколку опции кои што би ги интересирале родителите, односно ќе им овозможи да ја прилагодат апликацијата како што тие би сакале. Родителите ја имаат можноста да го ограничат времето на гледање на децата, да го исклучат звукот од апликацијата, а исто така може да го исклучат пребарувањето, па децата да можат да ги гледаат видеата преку пребарување на главниот екран.
Од Google истакнуваат дека апликацијата е само на својот почеток, па очекуваат родителите да ја користат вградената можност за фидбек во самата апликација со што ќе им помогнат да ја направат според нивните препораки.
Извор: YouTube