Фото: Shutterstock.com

Петокот ќе остане познат како ден кога повеќе од 8 милиони Windows компјутери не можеа да функционираат по надградбата на безбедносниот софтвер од CrowdStrike. Повеќе бизниси во светот имаа проблеми и застои во работата, а едни од најпогодените беа авиокомпаниите и аеродромите. 

Microsoft издаде алатка која треба да им помогне на администраторите побрзо да го решат проблемот, односно да ја избришат проблематичната надградба од CrowdStrike. 

Овој софтвер е достапен и на другите оперативни системи, односно на macOS, како и на Linux, па се поставува прашањето зошто само Windows компјутерите беа погодени. 

Microsoft кривицата за ова ја префрла на Европската Комисија и нејзиното веќе познато мешање во работата на ИТ компаниите, а сето тоа во името на отвореноста и конкуренцијата. 

Поради договор со Комисијата, Microsoft уште во 2009 година овозможи пристап до „кернелот“ од Windows за компаниите кои прават безбедносен софтвер со цел да тие имаат ист пристап до системот како и Microsoft. 

Ова е нешто што не е случајот кај macOS и Linux, а апликациите имаат пристап само до корисничкиот дел од системот, но не и до еден од клучните системи кај компјутерите. 

Apple пристапот до „кернелот“ го тргна како можност за апликациите во 2019 со macOS Catalina верзијата.

„Кернелот“, односно „kernel“ кај оперативните системи е компонента која овозможува комуникација помеѓу хардверот и софтверот, а притоа ги менаџира ресурсите како процесорот, меморијата, уредите поврзани на компјутерот, процесите и повеќе. 

Може да се види дека се работи за клучна и суштинска компонента кај оперативните системи и логично е зошто пристапот до истата не треба да е баш отворен. 

Без разлика на ставот на Microsoft, сепак доста ја обвинуваат компанијата дека можеле да направат повеќе, како и CrowdStrike од друга страна. Microsoft се познати со години по проблематичните надградби, па на крајот може да се заклучи дека трите страни имаат одговорност за ова што се случи.

ИЗВОРMacRumors
Претходна статијаGoogle Messages ќе биде главната апликација за пораки кај Samsung телефоните
Следна статијаGoogle се откажа од планот да ги исклучи „колачињата“ од трети страни во Chrome
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.