За плановите на Sony за пазарот на електрични автомобили читаме и гледаме веќе со години. Од компанијата дури претставија и концепт автомобил, иако беше јасно дека тие би биле задолжени само за производство и развој на системите на автомобилот, а не целиот автомобил.
Минатата година конечно работите се придвижија, па стана јасно што може да се очекува. Sony се договори со Honda партнерски да настапат на пазарот и да претстават нов и посебен бренд на електричен автомобил. Стана јасно кој ќе биде задолжен за производството на автомобилот, а поголемиот дел од технологијата во него ќе биде на Sony.
Afeela е името на новиот бренд, а Sony го презентираше минатата недела во рамките на CES 2023 саемот за технологија. Дизајнот на автомобилот е очекувано модерен, а се гледа и влијанието на Honda кои изминатите година до две почнаа да вклучуваат и по некој „ретро“ дел.

Внатрешноста од друга страна е целосно модерна, но со минималистички стил, нешто што од Sony посебно го истакнаа. Afeela има повеќе од 45 камери и сензори кои функционираат со системите од Sony за автономно управување, безбедност, забава и слично. Во овој дел доаѓа до израз работата на Sony изминатите години во оваа област.
Автомобилот се очекува дека ќе им конкурира на најдобрите на пазарот, што значи треба да се очекува и соодветна цена. Првите верзии треба да ги видиме на пазарот за околу 3 години, па има време во меѓувреме да дознаеме и нешто повеќе.