Компанијата Mercedes веќе извесно време „експериментира“ со т.н. паметни светла. Од таму неодамна објавија дека ваквите светла не се повеќе само концепт, туку дека ќе се најдат во моделите на Mercedes Maybach S-Class возилата.
Се работи за фарови кои имаат практично функција на дигитален проектор. Со помош на оваа функција ќе може да се контролира количеството и фокусот на светлината која се емитира. На тој начин системот ќе умее самиот да препознае каде и колку светлина е потребно. Со тоа би се избегнало „заслепување“ на возачи кои доаѓаат во пресрет или пешаци покрај патот. Покрај фокусирање, фаровите имаат опција да „испишат“ одредена порака на патот користејќи ја светлината. Секој од фаровите има резолуција од над милион пиксели.

Ваквата технологија ќе се најде во моделите кои ќе излезат од производство веќе во првата половина од годинава. Паметните фарови се резервирани за најлуксузната линија на автомобили од овој бренд и ќе бидат во многу ограничени количини.