Променливото време и честата појава на дожд во одредени делови од денот може да биде многу непријатна за мотоциклистите. Имајќи предвид дека оваа е многу честа појава и многу мотоциклисти често се затекнати од дождот, РСБСП со корисни совети за мотоциклистите како безбедно да возат  мотоцикл во услови на дожд:

Прво и основно е да се избегнува возење мотоцикл по дожд и влажни коловози доколку немате неопходна потреба. Возењето мотоцикл на влажни коловози бара повеќе концентрација, искуство и вештини, затоа не управувајте мотоцикл на влажен коловоз доколку не сте соодветно подготвени.

Доколку времето е променливо, добро испланирајте ја рутата и одберете места каде што може да се засолните доколку Ве затекне невреме.

Доколку дождот е силен и пороен направете пауза на првото место кое е соодветно за тоа.

Намалете ја брзината и возете многу бавни и внимателно и по цена да ве наврне. Во услови на дожд и влажни коловози,  сите остатоци од масло, гориво и нечистотии го прават коловозот лизгав, несигурен и небезбеден.

Избегнувајте ги местата со насобрана вода кои под својата површина може да кријат кал, песок или чакал и на тој начин да  дојде до лизгање на тркалата на мотоциклот.

Држете безбедно растојание затоа што сопирачкиот пат на мотоциклот е подолг на влажни коловози.

Носете водоотпорна заштитна облека и опрема. Почнувајќи од кацигата која не треба да се замаглува, па до оделото, ракавиците и чевлите, сите треба да се водоотпорни. Носете облека која има флуоресцентни делови на неа, на задниот дел на мотоциклот ставете флуоресцентна лента за полесно да ве забележат останатите возачи.

Пред да тргнете да возете на влажен коловоз размислете дали имате соодветни и добри гуми. Доколку вашите гуми се мазни тогаш најдобро е воопшто да не се обидувате да возете на влажен коловоз.

Сопирајте постепено, забрзувајте постепено, свртувајте постепено. Избегнувајте нагли дејствија, нагло запирање, забрзување и нагло свртување затоа што во такви услови веројатноста да дојде до лизгање на мотоциклот е голема.

Внимавајте на патот. Белите линии на коловозот, влажните метални капаци на патот, кал и вода, во услови на дожд може да бидат поопасни и полизгави од мраз.

Возењето мотоцикл бара многу знаење, енергија, вештини и стабилен карактер. Почитувајте ги наведените совети, тие се наменети за сите мотоциклисти, а посебно се корисни за помладите и помалку искусни мотоциклисти.

РСБСП со апел: Биди вистински мотоциклист, вози одговорно и секогаш носи кацига.  

#БЕЗБЕДНОНАМОТОР  # НОСИКАЦИГА

Претходна статијаПрв лек кој покажува дејство кај тешко заболените од COVID-19 и ја намалува смртноста кај третина од пациентите
Следна статијаWeekend Media Festival оваа година во Ровињ од 24 до 27 септември