До пред некое време кога се збореше за интернет безбедноста и приватноста обично се мислеше на малициозен софтвер направен од страна на одредени групи на хакери со цел да направат штета на вашиот компјутер. Меѓутоа во денешно време, по објавувањето на информациите од Edward Snowden, хакерите веќе скоро и да не се тема на разговор. Кога се пишува за приватноста, старите „лоши“ хакери секогаш се ставени последни на листата како потенцијална закана за корисниците.
Тоа е така поради излегувањето во јавност степенот до кој што владините агенции задолжени за безбедност ја користат модерната технологија за следење на се повеќе информации поврзани со корисниците. Она што загрижува и привлекува внимание е дека следењето на корисниците веќе не се прави само од потребата за заштита на безбедноста, односно таа останува само како причина за оправдување на активностите.
Следењето во последно време е проширено на секаков вид на корисници кои што според нечија одлука претставуваат закана за нешто, па така следени се новинари, активисти, борци за човекови права, невладини организации и слично. Тоа значи дека во денешно време секој може да биде означен како вреден за следење, без никаков начин на контрола како тоа се прави.
Големиот степен на следење на комуникациите за разни категории на корисници остава впечаток дека веќе нема граница за тоа кога и зошто може некој да биде следен. Повеќето корисници веќе сметаат дека интернетот не е место каде што може да се очекува приватност.
Можноста за заштита онлајн полека се сведува на можноста да ја енкриптирате комуникацијата, како и податоците кои што ги пуштате на мрежата, а дека пристап до вашите податоци може да имаат агенциите веќе се смета за нормална работа.
Решенија кои што овозможуваат следење на комуникацијата веќе е достапна и комерцијално од страна на неколку компании кои што ги продаваат тие решенија на владите низ светот. Тие според информациите овозможуваат следење на комуникацијата преку Skype, можност за вклучување на камерата и микрофонот на уредот на корисникот и повеќе.
Оваа недела беше претставена алатка, која што во основа е еден вид на анти вирус скенер, и треба да открие дали вашиот компјутер е заразен со некој од достапните софтверски решенија за следење на комуникацијата. Алатката е наречена Detekt и е направена од страна на Amnesty International, Digitale Gesellschaft, Electronic Frontier Foundation и Privacy International.
Detekt треба да е во можност да открие дали на вашиот Windows компјутер се присутни малициозните софтверски решенија како што се DarkComet RAT, XtremeRAT, BlackShades RAT, njRAT, FinFisher FinSpy, HackingTeam RCS, ShadowTech RAT и Gh0st RAT.
Сепак, како што е нагласено на страна на Detekt, овој скенер не е гаранција дека компјутерот е чист, доколку ништо не пронајде при скенирањето. Производителите на малициозниот софтвер сигурно ќе најдат начин како да го заштитат од детектирање, па затоа организациите зад Detekt бараат вклучување на повеќе заинтересирани страни во неговиот развој.
Доколку Detekt сепак најде нешто на компјутерот, се препорачува тој компјутер да веќе не се користи и да не се поврзува на интернет и да биде викнато стручно лице кое што ќе знае што да прави. Се прашувам кои се тие стручни лица кои што би знаеле што да направат во ваков случај. Исто така Detekt не ги отстранува детектираните работи, односно служи само за информирање.
Користењето на Detekt сепак е препорачано да се користи од луѓе кои што сметаат дека може да се мета на следење, а не од обичниот корисник.