Мнозинството од читателите на Смартпортал се израснати со Интернетот како доминантна сила во нивниот живот. Некои од нас пак, паметат како е да се биде „офлајн“ во тинејџерските години, пред да влеземе во добата на бежичен интернет, кој не избави од одвратниот звук на dial-up модемот. Сепак, колку повеќе сме поврзани, толку повеќе можеме да прочитаме написи за тоа како таа поврзаност не прави поосамени, ни го скратува вниманието (делумно вистина) и ги осакатува конекциите кои ги имаме со луѓето околу нас, ако воопшто ги гледаме тие луѓе.

Но еве, што ако сепак се одлучиме да се отстраниме себеси од канџите на интернетот, таа мистериозна сила која не спречува да се себе-реализираме? Дали ќе станеме посреќни, поисполнети? Пол Милер од The Verge го има одговорот на тоа прашање. Тој во 2012 година, на 26 годишна возраст, реши да помине цела година во интернет целибат. На почетокот, експериментот се покажува како life-changing, во позитивна смисла.

Дозволете ми да ви кажам дека сè започна одлично. Застанав да ги помирисам цвеќињата. Мојот живот беше полн со настани кои исполнуваат: состаноци во живо, фризби, возење на велосипед, и грчка литература. Напишав половина од мојот роман, без јасна идеја како всушност го сторив тоа, и редовно пишував по еден есеј неделно за The Verge. Во еден од првите месеци мојот шеф изрази мала фрустрација од тоа колку многу пишував, нешто што порано никогаш не се случило и што оттогаш не се случи.

Враќање во физичка форма, зголемување на attention-span за читање книги без дистракции како Твитер и Фејсбук се дополнителни благодети кои се појавиле во животот на Пол откако се откачил од Интернет. Досадата, и недостаток од електронска стимулација се работите што го натерале да ги гледа нештата поинаку. Дека постои убав живот и офлајн. Интернетот стана толку незаменлив дел од нашите животи што заборавивме како е да го немаме, особено за тие што се сеќаваат на времето кога имавме мобилни „цигли“ на кои единствената забава беше играњето Змија.

Но како што сме инјектирани од допаминот како резултат на константната стимулација од нашите компјутерски уреди, го добивме и одреден период откако ќе се отарасиме од Интернетот. Иницијално, тоа делува како најдобрата одлука која сме ја донеле во нашите возрасни животи. Но после некое време, допаминот исчезнува, а старите навики се враќаат. Тоа добро го знае и Пол Милер.

По една година, не возам велосипед толку многу. Фризбито собира прашина. Повеќето недели воопшто не излегувам со луѓе. Моето омилено место е каучот. Ги качувам нозете на масичката, играм видео игри, и слушам аудио книга.

Според Милер, проблемите во неговиот живот постоеле без разлика на сеприсутноста на интернетот во неговото секојдневие, само различно се манифестирале офллајн и онлајн. На крајот, тој е посреќен онлајн.

Кога ќе се вратам на интернет, може нема да го користам добро. Може ќе губам време, или ќе бидам расеан, или ќе кликам на сите погрешни линкови. Нема да имам повеќе време за читање или за интроспекција или да го напишам големиот американски научнофантастичен роман.

Но барем ќе бидам поврзан.

Ако редовно го обвинуваме интернетот дека ни го уништува мозокот, тогаш најпрво треба да го евалуираме начинот на кој што го користиме. Проблемите за кои ги обвинуваме Фејсбук, Твитер, или Гугл, се проблеми кои сме ги имале претходно, пред овие алатки воопшто да се појават во нашите животи.  Ако сакаш да поминуваш повеќе време со своите најблиски, стори го тоа. Ако сакаш да се гледаш со луѓето во живо, наместо на Скајп, стори го тоа (освен ако не живеат во Кина, тогаш користи Скајп).

Само не го барај проблемот на сите места освен кај себеси.

 

Претходна статијаGoogle Interactive Events – Апликација за учесниците на Google настаните
Следна статијаКинески копии од паметниот часовник на „Apple“ веќе во продажба